AMD Strela

 

Промовиран брендот „Струмица-Ѕвезда под небото“

Промовиран брендот „Струмица-Ѕвезда под небото“
Објавено на: 01 Nov 2019

„Струмица-Ѕвезда под небото“ е носечкиот слоган на Брендот Струмица, со кој градот ќе ја зајакнува позитивната слика за Струмица и со кој ќе се натпреварува на пазарот на градови со цел да привлече повеќе инвестиции, туристи и посетители. Комерцијалниот бренд Струмица е создаден да го користат жителите, компаниите и производи од Струмица за заеднички да се постигне подобро позиционирање и препознавање на Струмица.

Пред присутните во Хотел „Вила Парк“ проектот го промовираше Ѓоко Ристовски од општина Струмица.

-Брендот Струмица е визија за позиционирање на Струмица на пазарот на градови и препознавање на Струмица како добро место за живеење, добра туристичка и деловна дестинација. Струмица се споредува со многу поголеми градови од неа и успешно се натпреварува со нив. Токму затоа креиравме обединувачки слоган, препознатливи пораки и креативен дизајн за дологорочно да ги достигнеме целите на проектот, рече Ристовски.

На промоцијата говореше и градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.

-Ѕвезда под небото“ е идентитетот на Струмица со своето надворешно опкружување. „Ѕвезда под небото“ е порака која треба да ја слушнат сите и да сфатат дека Струмица е Град-Ѕвезда кој создава и производи и луѓе и вредности. Од Астраион до денешни дни, градот созрева со секоја нова генерација и градејќи ја скалата на успехот, се претвора во ѕвезда која се повеќе сјае. Брендот „Ѕвезда под небото“ ќе ја заинтригира човековата љубопитност, ќе го примами секој посетител, потенцијален инвеститор, деловен соработник, уметник или патник, да ги прими со сите сетила спецификите на градот и да го рашири добриот глас на долго и на широко по белиот свет. За нас Струмица има СЕ, и тоа нејзино СЕ треба токму ние струмичаните да го промовираме.

Почитувани сограѓани, ова е наш град во кој заедно живееме, работиме и создаваме. Ајде да бидеме апостоли на нашиот бренд. Ајде да бидеме негови сопственици, да го чуваме и надградуваме, и бидувајќи горди на сопствениот град, да го адресираме до сите оние кои го почитуваат убавото, вредното и трајното. И да не заборавиме, СТРУМИЦА Е НАШАТА ЅВЕЗДА ПОД НЕБОТО, истакна градоначалникот Јаневски.

Автори на промотивните материјали се Марјан Ѕингаров, Никола Маџиров и Александар Дончев, а Брендот Струмица е создаден во рамките на спроведувањето на проектот „Промоција на туризмот и културата“, финансиран од ЕУ во рамки на ИПА програмата за прекугранична соработка меѓу Република Грција и Република Северна Македонија.

 

 

Media Flesh

 

ВИДЕО

FACEBOOK