AMD Strela

 

Општина Струмица со одговор на барањата на „Здрава котлина“ против загадувањето

Општина Струмица со одговор на барањата на „Здрава котлина“ против загадувањето
Објавено на: 07 Feb 2020

Општина Струмица во континуитет го потврдува својот сериозен пристап во грижата за квалитетот на амбиенталниот воздух, преземајќи и спроведувајќи соодветни мерки во рамките на нејзините надлежности, стои меѓу другото во одговорот на општина Струмица.

Најголем дел од мерките се насочени во искористувањето на бенефитите од гасификацијата. Како прва гасифицирана Општина во државата, има изградено 32 километри гасоводна дистрибутивна мрежа со сопствени средства и во наредниот период со кредит од Светска банка ќе се врши проширување на истата.

Досега гасифицирано се 19 институции кои се под директна надлежност на општина Струмица, сите основни училишта и средни училишта, детските градинки, зградата на општина Струмица, библиотеката, зградата на Урбанизам, домот на АРМ, новите простории на ЈПКД „Комуналец“, а новите две градинки во населените места Куклиш и Муртино се на течен нафтен гас. Континуирано продолжуваме да работиме на гасификација и на останатите објекти (клон „Јахја Кемал“, ООУ „Кирил и Методиј“ во Дабиле, ООУ „Маршал Тито“ во Муртино и ООУ „Герас Цунев“ во Просениково).

Од државните институции гасифицирана е зградата на ПИОМ и во тек е гасификацијата на општата болница.

Согласно законската регулатива, општина Струмица има воспоставен и води регистер на Б интегрирани еколошки дозволи и досега се издадени вкупно 14 дозволи. Постапката на издавањето беше јавна и транспарентна, согласно Законот за животна средина и објавена на општинската веб страница, дневен весник и беше на увид во просториите на Одделението за заштита на животната средина.

Општина Струмица води и регистер за Елаборати за заштита на животната средина и досега се одобрени 355 такви дозволи.

На територијата на општина Струмица има и две А интегрирани еколошки дозволи и една во постапка за одобрување во Министерството за животна средина и просторно планирање.

 Инаку, на барање на општина Струмица е поставена мерната станица во кругот на болницата којашто дава најрелевантни податоци, а се бараат начини за поставување на уште една до две мерни станици од  Државниот мониторинг систем, токму со цел добивање на најрелевантни податоци врз основа на кои ќе се спроведуваат мерки за  подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух.

Државниот мониторинг систем за квалитет на воздухот (ДАМСКАВ) е гаранција за валидни податоци бидејќи неговите мерни инструменти се одржуваат на секои две недели, а калибрацијата на мерните инструменти се врши два до три пати годишно по извршен сервис. Се почесто во државава се шпекулира со податоци добиени од мерења со уреди кои популарно се наречени сензори (Low Cost Sensors) кои не можат да се земат во предвид заради нивната голема несигурност ниту за индикативни мерења.

 Општина Струмица е отворена за одржување и учество на јавни трибини на теми од областа на аерозагадувањето, како и за учество на еколошките организации на седница на Советот на општина Струмица на која ќе биде ставена посебна точка за аерозагадувањето.

Го почитуваме правото на слободно изразување на незадоволство од одредени состојби и остануваме отворена Општина за соработка, конструктивни предлози и иницијативи, но и апелираме за поголема и активна вклученост на сите граѓани, институции и невладини организации во справувањето со проблемот на аерозагадувањето. Решавањето на овој проблем не може да се случи преку ноќ и од една институција, тој бара сериозен пристап од сите нас заедно. Нашата сериозност ја потврдивме уште со поставувањето на првата мерна станица во кругот на болницата што беше наше барање, прв чекор за да видиме во каква средина живееме и врз основа на резултатите да спроведуваме соодветни мерки за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух, бидејќи сите заедно живееме во иста средина.

Media Flesh

 

ВИДЕО

FACEBOOK